За нас

Платформата Отворени општини е интегрална веб платформа која овозможува информираност и вклученост на граѓаните од Република Северна Македонија од аспект на 4 принципи на локална демократија: еднаквост, вклученост, транспарентност и отчетност.

Платформата Отворени општини нуди неколку можности. Првата е визуелизација и интерактивно претставување на еден портал на сите единици на локалната самоуправа (општини) од Република Северна Македонија со прикажување на нивните основни податоци со особен осврт на едноставно и разбирливо прикажување на општинските буџети. Платформата е место за информирање, вклучување и следењето на работата на општините преку едноставен и иновативен начин, односно директно учество на граѓаните, особено маргинализираните групи, во процесот на буџетското планирање преку поголема и видлива вклученост на граѓаните во процесот на структурното планирање (постигнување согласност на локалната јавност за содржината и програмите на општинскиот буџет).

Со пристапот на платформата дополнително нудиме простор (граѓански форум) за иницирање на прашања и потреби од страна граѓаните до општинските власти за утврдување на проблемите и приоритетите што се во надлежност на општините, како и развивање, предлагање и избор на проекти од интерес на заедницата и маргинализираните групи. Сигурни сме дека ова ќе претставува корисна алатка и за општинските власти преку која ќе овозможат: а/ полесен пристап до јавните услуги за граѓаните и сите релевантни чинители; б/ поголема и видлива вклученост на граѓаните; в/ зголемена транспарентност и отчетност при работењето и трошењето на општините преку алатката за следење на граѓаните на спроведување на буџетот.

Во рамки на Платформата Отворени општини, за прв пат во нашата земја е пресметан и прикажан Индексот на отворени општини. Тој е сеопфатен индикатор кој го следи и оценува процесот на буџетирање на една општина за одредена фискалната година во скала од 0 до 100. Проценката на процесите на локалниот буџет е претставена преку три области:

  • Транспарентност – го мери/испитува степенот до кој е познат на јавноста буџетскиот процес, од подготовка, преку усвојување, до спроведување.
  • Вклучување и правичност - вклучувањето испитува како и колку граѓаните, особено маргинализираните групи, се вклучени во буџетскиот процес, т.е. ако се во можност да го изразат своето мислење за локалниот буџет и дали се зема впредвид нивниот глас. Еднаквоста испитува како се застапени маргинализираните групи во различните фази на буџетскиот процес.
  • Отчетност - го оценува прикажувањето на резултатите од работата на локалните власти и на целиот буџетски процес пред граѓаните.

Платформата е изработена во 2021 година од Здружението за истражување и анализи, ЗМАИ од Скопје овозможена преку проектот “Преку инклузија и транспарентност до еднаквост и квалитет: Подобрување на процесите на локално буџетирање во Северна Македонија”, финансиран од Шведскиот Меѓународен Центар за Локална Демократија (ICLD).